
Дата: 03.07.2026
Здружението на судии на Република Северна Македонија, со поддршка на иницијативите за унапредување на статусот и условите за работа на судската служба.
Судската служба претставува есенцијален и неодвоив дел од судскиот систем. Нејзината стручност, посветеност и секојдневна работа се неопходни за навремено, ефикасно и законито функционирање на судовите. Без професионална и мотивирана судска служба не е можно да се обезбеди ефикасно спроведување на судската власт, владеење на правото, ниту доследно почитување и заштита на Уставот загарантираните права и слободи на граѓаните.
Во изминатиот период судовите се соочуваат со сериозен и континуиран одлив на судски службеници, при што голем број работни места остануваат непополнети. Поради тоа, постојните вработени секојдневно работат во услови на значително зголемен обем на работа, преземајќи обврски кои ги надминуваат редовните работни задачи.
Истовремено, бројот на предметите во работа во судовите постојано се зголемува, а човечките ресурси со кои располага судската служба се намалуваат. Таквата состојба создава сериозен ризик за навремено и квалитетно постапување по предметите, без оглед на заложбите и професионалноста на судиите и судските службеници.
Особено загрижува фактот што судските службеници имаат едни од најниските примања, не само во споредба со судските администрации во земјите од регионот, туку и во однос на вработените во другите органи на државната управа, како на централно така и на локално ниво. Ваквата состојба директно влијае врз мотивацијата, задржувањето на искусниот кадар и привлекувањето нови стручни лица во судството.
Здружението на судии смета дека вложувањето во судската служба не претставува трошок, туку инвестиција во ефикасно, независно и функционално судство. Само со обезбедување достоинствени услови за работа, соодветно вреднување на трудот и стабилност на судската администрација може да се обезбеди квалитетно функционирање на судовите.
Воедно, потсетуваме дека сите реформски процеси во правосудството, донесувањето нови закони и усогласувањето со европските стандарди ќе останат без суштински ефект доколку нема доволен број стручни и мотивирани судски службеници кои секојдневно ќе ги спроведуваат тие реформи во пракса. Ниту еден закон, без оглед на неговиот квалитет, не може да ги даде очекуваните резултати доколку нема кадровски и институционален капацитет за негово доследно спроведување.
Поради наведеното, Здружението на судии на Република Северна Македонија ги поддржува барањата за подобрување на материјалната положба, условите за работа и професионалниот статус на судските службеници и ги повикува надлежните институции, преку конструктивен дијалог, да преземат конкретни мерки за надминување на состојбите и обезбедување стабилен и ефикасен судски систем во интерес на граѓаните и државата.