Тргнувајќи од зедничките заложби за транспарентно, независно и самостојно судство, судство со интегритет и доверба кај граѓаните, притоа насочувајќи ги напорите кон поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес, преку унапредување на меѓусебната соработка, Судско-медиумскиот совет при Здружението на судиите на Република Северна Македонија, претставуванo од претседателот судија д-р Џемали Саити, претседател на ЗСРСМ и судија Иван Џолев, Претседател на Судско-медиумскиот совет од една страна и Академијата за судии и јавни обвинители “Павел Шатев” Република Северна Македонија, претставувана од директорката Проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, на денешен ден 26 јануари 2021 година, во Скопје во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители потпишаа МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА.
Водени од потребата за меѓусебна соработка заради ефикасно спроведување на своите надлежности утврдени со Закон, потврдувајќи ја заедничката заложба и интерес за унапредување на соработката во областа на судската транспарентност потписниците, се согласни заеднички да соработуваат во остварувањето на поголем број на цели од кои зајакнување на соработката меѓу Судско-медиумскиот совет при Здружението на судиите на Република Северна Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители на Република Северна Македонија, учество на членови од Судско медиумскиот совет како предавачи на обуките во Академијата, делегирање на правни експерти од Академијата за судии и јавни обвинители за подготовка на Стратегијата за зајакнување на судската транспарентност, предвидена како основна цел во проектот „Зајакнување на улогата и функционалноста на Судско-медиумскиот совет“, финансиран од Владата на САД, како и подготовка и промоција на други документи од областа на транспарентноста и односите со медиумите.
Страните се согласни да реализираат промовирање на заедничките активности како што се: Организирање настани од интерес за двете институции; Организирање обуки и семинари за потребите на Судско-медиумскиот совет; Обезбедување два члена од Академијата за судии и јавни обвинители за учество во работната група за изработка на Стратегијата за зајакнување на судската транспарентност; Учество на членови на Судско-медиумскиот совет како предавачи на Академијата, во делот на транспарентноста на правосудството, односи со медиуми и јавност;Стручна помош и анализа за конкретни проекти од областа на медиумите; Меѓусебно информирање за резултатите од соработката и т.н.
|