Одберете јазик
 
на веб страната на здружението
СУДСКО МЕДИУМСКИ СОВЕТ
Sudsko mediumski
Судска Етика
Судиски информатор
Судиска ревија
Судска ревија
Публикации
Закони, прописи, акти
 
Службен Весник
Мислење бр.4 Советодавно тело за судиска етика
 
May 11, 2022
 

Советодавното тело за судиска етика при Здружение на судиите на Република Северна Македонија, на седница одржана на ден 11.04.2022 година, донесе:

МИСЛЕЊЕ 4

Повреда на Кодексот за етика на судиите и судиите поротници и на принципот на непристрасност е постапувањето на судијата кога за свои потреби или за водење на судски постапки има ангажирано како полномошник – адвокат, истиот да постапува во предмети во кои тој адвокат се јавува како полномошник на било која странка за време додека помеѓу адвокатот и судијата постои однос на налогодавач и налогопримач .

Не претставува повреда на Етичкиот Кодекс, ако судија постапува во предмети во кои како адвокат се јавува полномошникот на спротивната странка (во постапките каде што судијата е тужител или тужен).

О б р а з л о ж е н и е

До Советодавното тело за судиска етика поднесено е барање од страна на судија на Основен граѓански суд Скопје кое содржеше прашање: ,,Дали преставува повреда на Етичкиот Кодекс, ако јас како судија или бил кој друг судија за свои потреби или за водење на судски постапки имам/ме ангажирано како полномошник – адвокат, ако постапувам/ваме во предмети во кои тој адвокат се јавува како полномошник на било која странка.

Исто така беше поставено прашање: Дали преставува повреда на Етичкиот Кодекс, ако јас како судија или бил кој друг судија постапувам/ваме во предмети во кои како адвокат се јавува полномошникот на спротивната странка (во постапките каде што јас или бил кој друг судија сме тужители или тужени).,,

Советодавното тело за судиска етика на одржана седница на ден 11.04.2022 го разгледа барањето, па по истото го донесе погоре наведеното мислење, кое е превентивно и има советодавен карактер, а раководејќи се од следните принципи на субјективна и објективна непристрасност на судијата:

Согласно Кодексот за етика на судии и судии поротници, Принципот на Непристрасност и неговата примена е од суштествено значење во извршување на судиската функција, поради што судијата/судијата поротник е должен да ја врши истата непристрасно, како при донесувањето на одлуките, така и во водењето на постапките.

Непристрасноста како етичко начело означува непостоење на предрасуди или пристрасност од лична, објективна или функционална природа на судијата да постапува во конкретен предмет иако тоа не е недвосмислено пропишано со закон.

Судијата/судијата поротник е обврзан секогаш да ги препознае со закон и судска практика утврдените случаи, и да побара свое изземање од предмет што му е доделен во работа или по кој е определен да постапува.

Непристрасноста на судиите, и според субјективниот тест, може да биде тестирана во две категории на ситуации: ситуации од функционална природа и ситуации од персонална природа.

Судијата би требало да бара изземање за постапување во определен предмет доколку лично смета дека не е во состојба непристрасно да постапува и да донесе одлука во определен предмет.

Судијата би требало да побара изземање од постапување по определен предмет доколку постојат проверливи објективни факти кои предизвикуваат легитимно сомневање или страв да судијата постапува пристрасно во определен предмет гледано од перцепција на разумен набљудувач.

Професионалните, финансиски или лични врски помеѓу судијата и полномошниците на странките во постапката можат да предизвикаат сомневање во впечатокот за непристрасноста на судијата односно објективно оправдано сомневање во објективноста и непристрасноста на судијата да постапува во определен предмет иако тоа зависи од околностите на предметот и природата на таквите врски и се оценува од аспект на разумен набљудувач.

Во случајот, според мислење на Советодавното тело, судија или судија поротник, кој ќе ополномошти адвокат за застапување на неговите интереси во судска постапка, воспоставува персонална врска со адвокатот која може да покрене сомневања околу неговата непристрасноста, иако тоа ќе зависи од околностите на предметот и од природата на поврзаноста за која станува збор од аспект на разумен набљудувач.

Во такви ситуации, првенствено одговорност на поединечниот судија е да ги идентификува/препознае пречките за негово учество во постапката во конкретен предмет, дали тие пречки можат или не, да се подведат под “разумно сомневање во непристрасноста“ и дали треба да се повлече или, пак, кога е соочен со ситуација во која е издржано дека треба да биде дисквалификуван/изземен, иако недвосмислено не мора да се изземе согласно закон, да им обрне внимание на странките за тоа прашање за да им дозволи да го оспоруваат неговото учество.

Со цел зачувување на непристрасноста на судијата и на судовите во секој случај се препорачува да судијата сите врски кои постојат помеѓу судијата и полномошниците во постапката ги открие на самиот почеток на своето постапување како би се овозможило да странките во постапката или нивните полномошници го оспоруваат неговото учество во предметот.

Имајќи го во предвид значењето не само на субјективната и објективната непристрасност на судијата туку и на барањето за оставање впечаток кај јавноста за непристрасноста на судијата, ова тело смета дека може да се јави сомневање во непристрасноста на судијата доколку истиот постапува во предмети во кои како полномошник на странките се јавува адвокат кој судијата го има лично ангажирано да го застапува во определени предмети за време додека постои односот на налогодавач и налогопримач помеѓу судијата и адвокатот.

Скопје 11.04.2022 година Советодавно тело за судиска етика

Здружение на судиите на Република Северна Македонија

Претседател

Судија Шпенд Деваја

Назад
f
Судски Совет
Судови на РМ
Академија за обука на судии и јавни обвинители
Биро за судски вештачења
Адвокатска комора
Комора на извршители на РМ
Нотарска комора на РМ
Јавно обвинителство на РМ
ДПРМ
 
 
©2011 Здружение на судиите на Република Македонија
 
 
Изработката на Веб странава е финансиски подржана од американскиот народ, преку агенцијата на САД за меѓународен развој - УСАИД Македонија (www.usaid.org.mk), во рамките на Проектот за имплементација на судските реформи (www.jrip.org.mk)