Претседателот на Здружение на судиите Џемали Саити оствари работна средба со Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска. Се дискутираше на повеќе теми кои се во насока на формализирање на можните облици на соработка кои ќе бидат основа за размена на искуства за унапредување на транспарентноста, преку која се воспоставува пракса на презентирање на точни и вистинити информации во јавноста, што е нужен елемент за градењето на перцепцијата за владеењето на правото.
Претседателката Добрила Кацарска истакна дека Уставниот суд презема активности кои ја зголемуваат транспарентнсота и во последниот период е зголемено нивото на соработка со медиумите, советникот за односи со јавноста на Судот има континуирана комуникација со новинарите, редовно се одржуваат брифинзи, прес конференции и изјави за актуелни предмети.
Претседателот Џемали Саити ги презентираше тековните проекти и активности на Здружението на судии кои се во насока на зголемување на квалитетот на правдата и унапредување на транспарентноста во судството.
|